Белиз (англиски: Belize) — независна уставна монархија во Средна Америка, која се наоѓа на копнениот дел од овој континент. На север Белиз граничи со Мексико, на југ и запад со Гватемала, а на исток излегува на Карипското Море. Вкупната површина на државата изнесува 22.960 км2 и има население од 333.220 жители, според проценките за 2010 година[4]. Иако шпанскиот и белискиот креолски јазик се зборуваат во државата, сепак англискиот е единствениот службен јазик во Белиз, што ја прави единствена држава во копнена Средна Америка каде англискиот е службен јазик. Должината на територијата на Белиз изнесува 290 километри, додека ширината изнесува 110 километри. Главен град на Белиз е Белмопан.
Белиз е држава со најмала густина на население во Средна Америка.[5] Прирастот на населението на Белиз е 2,21% според проценките за 2008[1] и истиот е најголем во регионот и западната полутопка. Белиз има значајна улога во Мезоамериканскиот биолошки коридор, бидејќи земјата има богат копнен и воден животински и растителен свет.[6]
Белиз е културолошки уникатна земја во Средна Америка бидејќи таа е единствената нација со британско културно наследство. Поради историски и општествени причини, Белиз споделува големи сличности, како со средноамериканските копнени, така и со средноамериканските островски нации. Во тој сегмент, Белиз се смета за држава со силни врски и со карипските нации и со латиноамериканските држави. Државата е член на Карипската Заедница и Средноамериканскиот Интеграциски Систем.
Потеклото на името „Белие“ не е познато, но според една теорија, името потекнува од мајанскиот збор belix што значи „матна вода“ и истото се однесува за реката Белиз. Според друга теорија, името потекнува од шпанскиот изговор за презимето на шкотскиот пират Питер Валес, кои пак Шпанците го користеле за означување на една населба покрај реката Белиз, но и за самата река.[7] Според трета теорија, името можеби е донесено од Африканците кои имигрирале во државата од Кралството Конго. Се претпоставува Африканците го донеле името со нив, бидејќи денес во Ангола сè уште постои тоа име.