Прејди на содржината

Студена војна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Почетокот на студената војна
Втора светска војна
Воени конференции
Источен блок
Железна врата
Студена војна (1947-1953)
Студена војна (1953-1962)
Студена војна (1962-1979)
Студена војна (1979-1985)
Студена војна (1985-1991)


Студена војна — период на конфликти, тензија и натпревар помеѓу САД и СССР и нивните сојузници од времето по Втората светска војна до раните 1990-ти. Во текот на овој период, соперништвото помеѓу двете велесили се одвивал на повеќе полиња: воени сојузи, идеологија, психологија, шпиунажа, технолошка надмоќ, освојување на вселената, огромни трошоци за одбрана, огромни конвенционални и јадрени воени потенцијали, и многу посредни војни.

Иако никогаш не дошло до непосреден воен судир меѓу двете велесили САД и СССР, во текот на половина век постојано се зголемувале воените сили и политичките борби за поддршка ширум светот, при што и обете страни настојувале да ја обезбедат поддршката од останатите земји. Војната се нарекува „студена“ поради отсуството на вакви непосредни судири, колку и поради „заладеноста“ на односите помеѓу земјите во блоковите. Така во еден период, речиси сите земји во светот биле или сојузници, или поддржувачи на една од двете велесили. Неколкупати доаѓало до тензии кои се заканувале да прераснат во нова светска војна: Блокадата на Берлин во (1948-49.), Корејската војна (1950-53.), Виетнамската војна (1959-75.), Кубанската криза со јадрени проектили (1962.) и Советско-Авганистанската војна (1979-89.).

Студената војна завршила во доцните 1980-ти, кога претседателите Михаил Горбачов од СССР и Роналд Реган од САД одржале низа состаноци на кои постигнале договор за меѓусебна толеранција, намалување на воените потенцијали и прекинување на непријателствата.

Почетоци на Студената војна

[уреди | уреди извор]
Блоковската поделеност на светот во текот на Студената војна.

Иако повеќето историчари сметаат дека Студената војна започнала по Втората светска војна, нејзините корени веројатно се наоѓаат во непријателствата помеѓу Советскиот Сојуз и Западот кои започнале уште од времето на Првата светска војна, во текот на Октомвриската револуција кога СССР се појавиле како голема комунистичка сила. Идеолошкиот судир помеѓу капитализмот и комунизмот започнал уште тогаш, бидејќи САД ја поддржувале царската опција во Русија, не се согласувале со истапувањето на Русија од војната преку мировниот договор со Германија, и не го признавале СССР до 1933.[1][2][3]

Во текот на Втората светска војна, Советите длабоко се сомневале дека Англо-Американците оставиле на нив да го носат најголемиот товар на војната и да се вклучат само на крајот за да влијаат на мировните договори, и поради тоа ја одложувале инвазијата на Нормандија.[4] Без оглед дали тоа било вистина, меѓусебната недоверба довела до силни струења на тензија и непријателство помеѓу сојузничките сили.

Постоело и силно несогласување помеѓу сојузниците како треба да изгледа Европа по војната. Постоеле и несогласувања околу тоа како да се воспостават заеднички системи за безбедност по војната. Американските водачи сметале дека доколку се воспостават влади и пазари по примерот на САД, земјите ќе можат да ги решаваат споровите преку меѓународните организации, додека советските водачи сметале дека безбедноста е поврзана со контрола на просторот. Ова второво делумно било резултат на бројните напади на терироријата СССР во последните 150 години.[5][6][7]

Винстон Черчил, Франклин Делано Рузвелт и Јосиф Висарионович Сталин (седат, од лево на десно) на конференцијата во Јалта, СССР, 1945.

На Конференцијата на Јалта во февруари 1945, сојузниците се обиделе да договорат рамка за повоената безбедност, без да постигнат цврст договор. Со крајот на војната, исходот бил дека САД делотворно ја имале освоено Западна Европа, додека СССР - Источна. Во окупираната Германија биле воспоставени окупациони зони.

На Конференцијата во Потсдам во јули 1945 се појавиле сериозни разлики околу идниот развој на Германија и Источна Европа.[8] Труман го информирал Сталин дека САД поседуваат силна бомба каква што до тогаш никогаш не постоела ниту била употребена. Труман не му кажал на Сталин дека станува збор за атомска бомба. Сталин на ова реагирал со смирен тон како да станува збор за само уште едно најобично смртоносно оружје со тоа што рекол дека му е мило за постоењето на таа бомба и се надева дека САД ќе ја искористат, по што Труман им рекол на своите советници дека Сталин се однесувал како да не го разбрал.[9]

Една недела по ова, атомските бомби фрлени на Хирошима и Нагасаки довеле до понатамошен конфликт помеѓу СССР и САД. Кратко по бомбардирањата, Сталин протестирал до американците дека им понудиле мало влијание во Јапонија.[10] По ова Труман и неговиот кабинет дознале дека советските разузнавачки служби одамна имале уфрлено свои шпиони во американската воена индустрија, во американскиот воен врв, односно во самиот Пентагон по што станало јасно дека Сталин многу поодамна знаел за атомската бомба уште пред Труман да му каже. Гневот од недовербата помеѓу Сојузниците и брзото јадрено вооружување на Советскиот Сојуз благодарејќи на информациите до коишто дошла советската воена индустрија и советскиот воен врв преку шпионите поставени во САД од страна на советските разузнавачки служби се сметаат како главен повод за почетокот на Студената војна.

Во 1946 Черчил говорел за железната завеса која се спушта помеѓу Западот и Истокот, и повикал на Англо-Американски сојуз против Советите:[11]

Од Шчеќин на Балтичкото Море до Трст на Јадранот преку континентот се спушта „железна завеса“. Зад таа линија лежат сите главни градови на старите држави на Средна и Источна Европа. Варшава, Берлин, Прага, Виена, Будимпешта, Белград, Букурешт и Софија - сите овие славни градови и нивното население лежат во она што морам да го наречам Советска сфера, и сите се подложни, на еден или друг начин, не само на советското влијание, туку и на високо ниво на контрола од Москва.

Черчил исто така се смета како еден од првичните иницијатори на Студената војна, особено бидејќи тој прв го употребил изразот "студена војна", а исто така и бил гневен на САД, особено на претседателот Франклин Делано Рузвелт, бидејќи Рузвелт се трудел да организира тајни состаноци со Сталин иако до тие состаноци никогаш не дошло. Черчил постојано му говорел на Рузвелт дека по Втората светска војна, Сталин и Советскиот Сојуз ќе имаат најголема добивка во Европа поради големите успеси на Црвената Армија, но Рузвелт му велел дека залудно "бара непријатели таму каде што ги нема". Ова се смета и како еден од основните мотиви поради коишто Черчил во 1946 ги применил изразите "железна завеса" и "студена војна".

Воените сили во Европа.

Во повоениот период, обете велесили настојувале да заземат што е можно подобри позиции преку помагањето и создавањето сојузи со држави во Европа, Азија и Африка.

Во 1947 САД направиле реорганизација на одбранбениот систем: било формирано Министерството за одбрана, Централната Разузнавачка Агенција (ЦИА) и Националниот Совет за Безбедност. Овие три тела подоцна го понеле главниот товар во Студената војна.

На повоена Европа и' била потребна голема помош за обновата, и САД и СССР се натпреварувале да ги придобијат разурнатите земји. САД решиле дека и покрај военото непријателство, мораат да и' помогнат на разурнатата Германија, бидејќи таа била важен индустриски фактор околу кој се вртела економијата на поголемиот дел од Европа[12]. САД го развиле и тнр. Маршалов план како механизам за економска помош. Советите пак, го формирале КОМЕКОН - советот за меѓусебна економска помош.

Покрај тоа, САД финансиски ги помогнале демократските сили во Италија на изборите во 1948 за да ја победат силната Комунистичка партија на Италија. Исто така, финансиски, со 400 милиони долари, ги помогнале и Грчките ројалисти во Граѓанската војна во Грција во борбата против комунистите, кои пак ги поддржувала Титова Југославија (Ројалистите ова го искористиле за да извршат геноцид врз Македонците кои биле на страната на комунистите и протерале стотици илјади Македонци од Егејска Македонија).[3] Со помагањето на Грција, САД направиле преседан со кој и подоцна помагале анти-комунистички режими, без оглед колку тие биле репресивни и корумпирани.[3]

Во 1949 Советите извршиле јадрена проба, и станале рамноправна воена сила со САД во поглед на јадреното вооружување.

СССР склучиле сојуз со Народна Република Кина, веднаш откако во 1949 на власт дошле комунистите кои го победиле Куоминтангот помаган од САД.

Во 1949 САД и нивните сојузници го формирале воениот сојуз НАТО. Окупационите зони на Франција, Британија и САД во Германија биле обединети во Западна Германија. За возврат, Советите својата окупациона зона ја формирале како држава - Германска Демократска Република.

САД склучиле сојуз со Јапонија во 1950, и договориле поставување на бројни воени бази на подолг период во Тихиот Океан и во Јапонија.

Во 1950 започнала Корејската војна во која Кина и СССР го помагале Северот, а САД истовариле војници кои го помагале Југот. Војната завршила во 1953 со поделба на територијата на Кореја која трае до денес.

Во 1953. во САД дошло до смена на власта по изборот на Ајзенхауер за претседател. Истата година, Сталин умрел и за премиер на СССР бил избран Никита Хрушчов. Со тоа некои од доктрините на Студената војна се промениле, но тензиите и понатаму останале.

Во САД, сенаторот Џозеф МекКарти водел вистински лов на вештерки против осомничените комунисти на високи позиции во САД.

Како противтежа на НАТО, Советите и нивните сојузници го формирале Варшавскиот пакт во 1955.

Во текот на 1950-тите голем број поранешни колонии на империјалните сили од Европа (главно Британија, Франција и Холандија) започнале движења за независност, откако нивните колонизатори поради последиците од војната повеќе не биле во можност да ги контролираат. И САД и СССР со најразлични средства настојувале да ги искористат овие движења и да ги насочат кон капитализам односно комунизам, како нпр. во Иран, Гватемала, Индокина и Филипините.[13] Националистите во многу пост-колонијални земји биле непријателски настроени кон Западот, поради долгогодишното колонијално ропство.[14]

Како резултат на притисокот од велесилите, многу земји од Јужна Америка, Азија и Африка решиле да останат надвор од блоковската поделеност. Со конференциите во Бандунг во 1955. и во Белград во 1961. го формирале Движењето на неврзаните. И Југославија била еден од основачите на Движењето, а претседателот Тито бил првиот Генерален секретар на Движењето.

Во 1956. рамнотежата помеѓу блоковите ја нарушила Унгарија кога таму избило демократско движење за истапување од источниот блок, кое било брзо задушено од останатите членки на Варшавскиот пакт со воена интервенција.

Во 1957. СССР го лансирале Спутник - првиот вештачки сателит околу Земјата, и со тоа започнала трката за превласт во вселената.

Во 1961. бил подигнат Берлинскиот ѕид, со кој комунистите сакале да го спречат пребегнувањето на источните Германци во Западен Берлин.

Двете велесили дошле на граница на јадрена војна во 1962. Советите, кои го поддржувале Фидел Кастро на Куба уште од 1959., започнале со поставување на ракети со јадрени боеви глави на Куба. САД преку шпионски снимки дознале за ова, и, поради опасноста од јадрена закана во непосредна близина до американското копно, воспоставиле поморска блокада на Куба. Дошло до блиска средба на воените бродови на САД и СССР, но Советите се откажале од намерата и ги повлекле ракетите од Куба.[15] За возврат, САД се согласиле да ги повлечат своите ракети од Турција. Кубанската криза покажала дека ниедна од велесилите не е подготвена да го употреби јадреното оружје против другата, поради веројатноста за меѓусебно целосно уништување. Најважната последица од оваа криза биле чекорите кон постепено јадрено разоружување и подобрување на односите.[16]

Виетнамската војна го одбележала овој период, во кој САД со непосредно воено присуство од околу 575.000 војници се обиделе да го поддржат Јужен Виетнам во борбата против комунистичкиот Северен Виетнам. САД испратиле војници во 1965, а војната завршила во 1975 со целосно повлекување на САД и освојување на териториите на Јужен Виетнам од страна на комунистите од Демократска Република Виетнам.

Во 1968 година демократското движење Прашка пролет во Чехословачка било уште еден тест за хомогеноста на Источниот блок, кое било задушено со воена интервенција.

Поради економските проблеми што обете велесили ги имале во раните 1970-ти - САД од војната во Виетнам, а СССР од внатрешниот економски систем, дошло до преговори за опуштање на меѓусебните односи (детант) и ограничување на вооружувањето, што било крунисано во 1975 со потпишувањето на Хелсиншките договори. Кон релаксацијата придонесувала и појавата на повеќе нови центри на влијание: Западна Европа и Јапонија полека ги достигнале по економската моќ САД, а Неврзаните и ОПЕК станале значајни политички фактори.

Но, оваа релаксација на односите се покажала краткотрајна: со Арапско-Израелската војна од 1973, превратот во Чиле од 1973, војната во Ангола од 1975, Иранската револуција и Никарагванската револуција од 1979, како и инвазијата на СССР во Авганистан во 1979, повторно на сцена стапиле спротивставените интереси.

Во периодот на власта на Роналд Реган во САД и Маргарет Тачер во Велика Британија од 1980, на сцена повторно стапило целосно заладување на односите. Реган потрошил 2,2 трилиони долари за одбрана во осумте години владеење. Воената потрошувачка, комбинирана со наследените структурни економски проблеми од 1970-тите, ги преобразиле САД од најголем заемодавач во најголем должник во светот.[3] Реган поставил и крстосувачки ракети во Европа, како и експериментален систем од проектили за уривање на Советски ракети во лет наречен „војна на ѕвездите“. Во 1981. Реган воспоставил и економски санкции како протест за задушувањето на движењето „Солидарност“ во Полска.

Во 1983 Реган се вмешал во Либанската граѓанска војна, извршил инвазија на Гранада, ја бомбардирал Либија и ги поддржал бунтовниците против комунистичкиот режим во Никарагва.[17]

Во меѓувреме, Советите, кои имале испратено преку 100.000 војници во Авганистан, трпеле огромни воени и економски загуби од војната во Авганистан, кајшто САД ги поддржувале муслиманските герилци (кои подоцна прераснале во Ал Каеда).

Крајот на Студената војна

[уреди | уреди извор]

До раните 1980-ти Советските вооружени сили биле најголеми во светот по бројот на војници, по бројот и видовите на оружје, како и по големината на воено-индустриската база.[18] Потрошувачката во одбраната изнесувала 25% од БДП, на штета на вложувањата во инфраструктурата и потрошувачките добра.[19].

Реган и Горбачов во Белата куќа го потпишуваат Договорот за елиминација на ракетите од краток и среден дострел, 1987.

Кога Михаил Горбачов дошол на власт во 1985, стапката на економски пораст во СССР била близу 0%, најмногу како резултат на падот на цената на нафтата, која правела 60% од вкупните приходи на земјата од извоз.[19][20] За да ја спаси економијата од колапс, Горбачов објавил агенда за брзи промени, наречена „Перестројка“. Покрај тоа, приморан да ја намали потрошувачката во трката во вооружување со Западот, започнал преговори со САД за намалување на воените потенцијали и направил низа отстапки кон Западот.

Во 1989. Советите се повлекле од Авганистан. Во декември 1989 Горбачов и Џорџ Буш постариот на самитот на Малта објавиле крај на Студената војна.[21]

До тогаш веќе и сојузниците на СССР слабееле - комунистичките режими во Источна Европа биле на заминување, а новите демократски власти биле повеќе заинтересирани за сојузништво со Западот отколку со СССР. И во самиот СССР, најпрво комунистичката власт била принудена да го напушти монополот на власта по 73 години во 1990, а потоа се распаднал веќе во следната 1991 на 15 независни држави.

И покрај брзиот и релативно мирен крај, Студената војна била водена по огромна глобална цена во период од преку 4 децении. Ја чинеле САД околу 8 трилиони долари во воени трошоци, и животот на близу 100.000 американски војници загинати во Кореја и Виетнам.[22] Советите платиле уште повеќе во воени трошоци. Војните во југоисточна Азија, како и другите поттикнувани граѓански и герилски војни ширум светот, однеле милиони животи на месното население.

Крајот на Студената војна им овозможил на обете страни да ги намалат трошоците за одбраната, но и тоа не било без економски последици: во СССР, на пример, барем 20% од работната сила била вработена во воената индустрија.[23] Нејзиното згаснување значело милиони невработени и огромни структурни економски проблеми, поголеми и од они на САД и Германија во Големата криза од 1929.[24]

Наследството од Студената војна и понатаму ги обликува светските односи. Победата во Студената војна ја зацврсти улогата на САД како повоена глобална економска, политичка и воена сила. Веќе до 1989, САД биле во воени сојузи со 50 земји, а 1,5 милиони војници на САД биле распоредени во 117 земји.[15] Студената војна исто така ја зацврсти потребата од огромен воено-индустриски комплекс во САД.[15]

Во некои од земјите од третиот свет кои биле под контрола на СССР се појавиле силни етнички, политички и социјални тензии кои резултирале и со конфликти, војни и бегалци.[25]

Македонија во Студената војна

[уреди | уреди извор]

Прогонот на Македонците од Егејска Македонија

[уреди | уреди извор]

Во 1947. Британската влада објавила дека поради финансиски тешкотии не може повеќе да го финансира Грчкиот монархиски воен режим во неговата граѓанска војна против комунистите. Наместо да го сметаат овој конфликт за внатрешно прашање на Грција, клучните луѓе во владата на САД го толкувале како советско масло; напротив, Сталин, во договор со Черчил, воопшто не се мешал во конфликтот, а комунистите помошта ја добивале од Тито.[3] Државниот секретар на САД Дин Ачесон го обвинил Советскиот Сојуз за заговор против Грчките ројалисти во обид да го прошири влијанието до Средоземјето (што бил долгорочен сон на Русија, види: Сан-Стефански договор. Така во март 1947. Труман објавил дека „политика на САД е да ги помагаат слободните народи кои се опираат на обиди за потчинување од вооружени малцинства или од надворешни притисоци“. Труман наменил (за тоа време огромни) 400 милиони долари за помош на ројалистите во Грција. За да го убеди републиканскиот Конгрес да гласа за оваа помош (Труман бил демократ), тој ја претставил ситуацијата во Грција како борба помеѓу слободниот народ и тоталитарните режими.[3] Ова бил еден од зачетоците на Студената војна.

Со оваа одлука на САД, Македонците во Грција, кои се бореле на страната на комунистите, се нашле во нерамноправна борба која завршила трагично за нив: стотици илјади биле протерани од фашизоидната ројалистичка војска, им било одречено државјанството и правото на имотот, и во следните децении Грција се обидела да избрише секаква трага од нивното постоење.[26][27][28]

Прогонот на Македонските водачи по 1948

[уреди | уреди извор]

Во 1948. дошло до разидување на Тито и Сталин, чија основа било одбивањето на Тито да ја приклучи Југославија кон Коминтерната. Ова било во контекст на иницијативите на СССР за наметнување на влијание и контрола врз социјалистичките земји од Средна и Источна Европа. Во Македонија, многу од комунистичките и државните водачи биле приврзаници или симпатизери на СССР, каде некои од нив поминале и период на школување или егзил. Некои од Македонските политички водачи отворено застанале на страната на Сталин. Овој момент бил искористен од политичките противници за да ги денунцираат како непријатели на Тито дури и оние што не биле на страната на Информбирото.

Сето тоа довело до исклучување од политичкиот живот и до судења и затворања за предавништво на многумина проминентни Македонци: од 22-члениот состав на Президиумот на АСНОМ, најмалку 8 завршиле во затвор (повеќето на тешка робија на Голи Оток) и уште неколку биле отстранети од органите на власта. Со ова дошло до обезглавување на Македонското политичко раководство, особено што голем број од отстранетите водачи биле со граѓанско потекло и социјал-демократско политичко уверување и се залагале за независна и обединета Македонија.

Македонија и Неврзаните

[уреди | уреди извор]

Во подоцнежниот период на Студената војна, Македонија профитирала од неутралната позиција на Југославија помеѓу блоковите и од водачката позиција на Југославија помеѓу Неврзаните. Во 1960-тите и 1970-тите години пазарите на Западот, Истокот и на Неврзаните биле отворени за фирмите и професионалците од Македонија. Многу наши фирми и граѓани работеле во странство, особено во Источно-Европските и Неврзаните земји[се бара извор].

Македонија по крајот на Студената војна

[уреди | уреди извор]

Југославија се нашла во тешка економска состојба по распадот на блоковскиот систем бидејќи нејзиното стратешко значење опаднало. Поради ова, како и поради нарушувањето на балансот на интереси внатре во земјата, дошло до распад на Југославија проследен со крвави граѓански војни. Македонија имала огромни економски тешкотии во преструктурирањето на економијата и трговијата, како и етнички тензии; дел од тие последици се чувствуваат и денес.

Дали Студената војна навистина е завршена

[уреди | уреди извор]

За мнозинството земји во светот Студената војна завршила со распадот на Советскиот Сојуз и на Варшавскиот Пакт и со уривањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на источна и западна Германија во една држава.

Но по терористичките напади на 11 септември 2001 во САД, американската окупација на Авганистан и Ирак, светските велесили, особено САД и Русија повторно инвестираат сè повеќе и повеќе во своето вооружување. Иако сега за сега само на хартија се прават подготовки за јадрено разоружување, останатиот вид на вооружување добива на технолошка брзина и финансии. Во септември 2007 Русија успешно ја има тестирано најголемата вакуумска бомба во светот "Татко на сите бомби", помоќна од американската "Мајка на сите бомби". Светската економска криза од 2008 остави зад себеси милиони луѓе низ светот без работа, а американската економија, руската економија, како и европските и сите останати економии во светот претрпеа огромни загуби. Ова многу експерти го сметаат како фитил за почеток на Втора студена војна. Многумина велат дека таа е почната уште во 1999 со бомбардирањата на СР Југославија од страна на НАТО.

Некои велат дека Студената војна никогаш не заврши, туку дека на кратко е прекината со таканаречен привремен 10 годишен "прекин на огнот", во текот на 1990-те. Војната против тероризмот од страна на коалицијата предводена од страна на САД се смета како прв тест за подготвеноста на западните сили за војување во 21-от век. 9 дневната Јужноосетиска војна во Грузија која што се одвиваше од 7 август до 16 август 2008 се смета како прв тест за подготвеноста на руските сили за војување во 21-от век. Кина се очекува до крајот на првата половина на 21-от век да биде водечка светска сила, економски, воено и технолошки, иако веќе од 2009 очите од земјите низ целиот свет се вперени во неа, а не во САД и во европските земји за спас од последиците од економската криза од 2008.

Исто така се поставува прашањето: "Зошто НАТО сè уште постои ?", бидејќи првичната цел на НАТО поради која што беше основан, бранењето на некомунистичките земји од комунизмот заврши успешно. Некои експерти велат дека земјите-членки на НАТО се свесни дека Студената војна никогаш не заврши, туку дека само се сменија имињата на завојуваните страни и бојното поле и дека затоа НАТО сè уште постои. Со брзата победа на Русија во 9 дневната војна во Грузија во 2008, Русија ги демонстрираше својата воена моќ и своето влијание, што на големо ги загрижи земјите-членки на НАТО, бидејќи Грузија е претендент за полноправно членство во НАТО, а нејзината армија се смета како пример за професионална НАТО-армија.

Втора студена војна

[уреди | уреди извор]

Прашањето за постоеење на Втора студена војна (наречена и „Нова студена војна“) во стручната јавност се поставува почнувајќи од 2014 г. со засиленото политичкото и економско соперништво меѓу САД и ЕУ од една и Русија и нејзините истомисленици од друга.[29] Ова особено зело голем замав по припојувањето на Крим кон Русија, интервенцијата во Украина и меѓународните санкции кон Русија што произлегле од тоа.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Архива
Библиографија
Вести
  1. John Lewis Gaddis, Russia, the Soviet Union, and the United States An Interpretive History. 1990, p. 57
  2. Fred Halliday, "Cold War" The Oxford Companion to the Politics of the World, 2e. Joel Krieger, ed. Oxford University Press Inc. 2001.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Walter LaFeber, "Cold War." A Reader's Companion to American History, Eric Foner and John A. Garrraty, eds. Houghton Mifflin Company, 1991.
  4. Gaddis 1990, pp. 151-153
  5. Gaddis 1990, p. 156
  6. Gaddis 1990, p. 176
  7. Id.
  8. Peter Byrd, "Cold War" The Concise Oxford Dictionary of Politics. Ed. Iain McLean and Alistair McMillan. Oxford University Press, 2003.
  9. „Private Site“.
  10. LaFeber 2002, p. 28
  11. David F. Schmitz, "Cold War (1945–91): Causes" The Oxford Companion to American Military History. John Whiteclay Chambers II, ed., Oxford University Press 1999.
  12. Ray Salvatore Jennings "The Road Ahead: Lessons in Nation Building from Japan, Germany, and Afghanistan for Postwar Iraq Архивирано на 23 декември 2003 г. May 2003, Peaceworks No. 49 pg.15
  13. Eric Hobsbawm, The Age of Extremes: A History of the World, 1914-1991. Vintage Books, 1991
  14. Hobsbawm 1991, p. 227
  15. 15,0 15,1 15,2 "Cold War," Dictionary of the Social Sciences. Craig Calhoun, ed. Oxford University Press. 2002.
  16. Jan Palmowski, "Cold War" A Dictionary of Contemporary World History. Oxford University Press, 2003.
  17. "Ronald Reagan," A Reader's Companion to American History Houghton Mifflin Company, 1991.
  18. William E. Odom, The Collapse of the Soviet Military, Yale University Press, 1998, p. 1.
  19. 19,0 19,1 LaFeber 2002, 332
  20. LaFaber 2002, 331-333
  21. "Cold War," A Dictionary of World History. Oxford University Press, 2000. Oxford Reference Online. Oxford University Press.
  22. LaFeber 2002, p. 1
  23. Anders Åslund, "How small is the Soviet National Income?" in Henry S. Rowen and Charles Wolf, Jr., eds., The Impoverished Superpower: Perestroika and the Soviet Military Burden (San Francisco: Institute for Contemporary Studies, 1990), p. 49.
  24. Peter Nolan, China's Rise, Russia's Fall. Macmillan Press, 1995. pp. 17–18.
  25. Monty G. Marshall and Ted Gurr, Peace and Conflict 2005 (Center for Systemic Peace: 2006, online at [1] Архивирано на 15 март 2007 г.
  26. Граѓанската војна во Грција - Википедија на англиски
  27. Richard Clogg, A Concise History of Greece, Cambridge University Press, 1992, p. 141.
  28. Резолуции на ОН за враќање на бегалците[мртва врска]
  29. „Welcome to Cold War II“. Foreign Policy. March 4, 2014. Посетено на 10 November 2014.
  翻译: