Европа — еден од седумте светски континенти. Името Европа потекнува од асирскиот збор Ереб (заоѓање на Сонцето, запад), со кој Феничаните и Асировавилонците ги означувале териториите на запад. Подоцна тоа име се проширило за целиот западен дел од копното Европа. Опфаќајќи го најзападниот полуостров на Евроазија, Европа на исток се дели од Азија со водната дренажа на планината Урал, реката Урал, Каспиското Езеро, областа Кавказ и со Црното Море на југоисток.[2] Европа на север е обиколена со Северноледениот Океан и други водни површини, на запад со Атлантскиот Океан, на југ со Средоземното Море и Црното Море и со други водни патишта на југоисток. Сепак границите на Европа - концепт кој датира уште од антиката-се произволни, бидејќи самиот поим континент може да има културно или политичко значење или пак физиогеографско.

Европа
Површина10.180.000 км2o[›]
Население731.000.000o[›] (март 2009)
Густина70/км2
ДемонимЕвропејци
Земји50
ЈазициСписок на јазици
Часовни појасиUTC до UTC+5
НДД.eu (Европска унија)
Најголеми градови

Европа е вториот најмал континент во светот според површина, опфаќајќи 10.180.000 км2 или 2% од целокупната површина на Земјата или околу 6.8% од Земјината површина. Од приближно 50 држави во Европа, Русија е најголема и површински и според населеност (иако државата се протега и низ Европа и низ Азија), додека Ватикан е најмала. Европа е третиот најнаселен континент по Азија и Африка, со популација од 731 милиони или околу 11% од светското население.

Европа, особено Стара Грција, е родно место на западната култура[3]. Европа има многу значајна улога во светските настани од XVI век па натаму, особено по почетокот на колонизацијата. Помеѓу XVI. и XX век, европски нации ги имаат контролирано Америка, најголем дел од Африка, Океанија и големи делови од Азија. Двете светски војни во најголем дел се фокусирани на Европа, придонесувајќи до одредени судири настанати во средината на XX век помеѓу САД и Советскиот Сојуз.[4] За време на студената војна, Европа е поделена со железна завеса помеѓу НАТО на запад и Варшавскиот пакт на исток. Европската интеграција доведува до создавање на Советот на Европа и Европската Унија во Западна Европа, кои се прошируваат источно по падот на Советскиот Сојуз во 1991.

Потекло на поимот

уреди

Во старогрчката митологија, Европа е феникиска принцеза која Зевс ја грабнал заземајќи облик на прекрасен бел бик. Ја однел на островот Крит каде таа ги родила Минос, Радамант и Сарпедон. За Хомер, Европа (грчки: Εὐρώπη, Eurṓpē) била митолошка кралица на Крит, не географско одредиште. Подоцна, со Еуропа се именувала централно-северна Грција, а до 500 п.н.е нејзиното значење се проширило до островите на север.

Името Европа има неодредена етимологија.[5] Една теорија предложува дека зборот има грчки корени со значење пространо (eur-) и око (op-, opt-), оттаму Eurṓpē, „пространа“, „изразито видлива“ (споредено со glaukōpis (сиво-ока) Атена или boōpis (говедо-ока) Хера). Пространо бил епитет за самата Земја во реконструираната индоевропска религија.[6] Друга теорија тврди дека зборот е всушност производ на семитски збор како што акадското значење на erebu „да падне, да тргне“[7] е сродно со феникиското 'ereb „вечер, запад“ и арапското Магреб, хебрејско ma'ariv (видете Ереб, на праиндоевропски *h1regʷos, „темнина“). Како и да е, М. Л. Вест наведува дека „фонолошки, поврзаност помеѓу името на Европа и која било форма на семитскиот збор речиси не постои“.[8]

Повеќе важни светски јазици користат зборови изведени од „Европа“ за да го опишат „континетот“ (полуостровот). Кинескиот, на пример, го користи зборот Ōuzhōu (歐洲), што е кратенка од транслитерационото име Ōuluóbā zhōu (歐羅巴洲); сепак, во некои турски јазици името Frengistan (земја на Франките) вообичаено се користи кога се мисли на Европа, покрај официјални имиња како Avrupa или Evropa.[9]

Историја

уреди

Праисторија

уреди
 
Џгантија, Малта
 
Винчанската дама, неолитски грнчарски пронајдок од Србија
 
Стоунхенџ, праисториски споменик во Обединетото Кралство
 
Небесен диск Небра од Гермнија во периодот од бронзено доба

Homo georgicus, кој живеел пред околу 1,8 милиони години во Грузија, е најрано откриениот хоминид во Европа.[10] Останати остатоци од хоминиди, датираат од пред околу 1 милион години, се откриени во Атапуерка, Шпанија.[11] Неандерталец (именуван по долината Неандертал во Германија) се појвил во Европа пред околу 150.000 години, а исчезнува од фосилните записи пред околу 30.000 години. Неандерталците биле протерани од денешните (Кромањонци), кои се појавиле во Европа пред околу 40.000 години.[12]

Периодот на неолитска Европа—обележан од одгледувањето на жита и одгледувањето добиток, зголемениот број на населеност и распространата употреба на грчарството—започнал околу 7.000 п.н.е. во Грција и на Балканот, најверојатно под влијание на Мала Азија и Блискиот Исток. Се распространува од југоисточна Европа по долините на реките Дунав и Рајна (Култура на линеарно грнчарство) и по Средоземното Море (Техника имресо). Помеѓу 4.500 и 3.000 п.н.е. овие централни европски неолитски култури се развиле низ западот и северот, пренесувајќи штотуку здобиени вештини во произведување на бакарни артефакти. Во Западна Европа неолитот не се одликувал по големи земојделски живеалишта туку по земјени споменици, како насипи, гробни насипи и мегалитски гробници.[13] Културата на производство на секири напреднала со преминот од неолит во бакарно време. За време на овој период огромни мегалитски споменици, како Мегалитските храмови на Малта и Стоунхенџ, се конструирале низ Западна и Јужна Европа.[14][15] Европската бронзена доба започнала во доцниот трет милениум п.н.е. со културата на производство на пехари.

Европската железно доба започнува околу 800 п.н.е., со халштатската култура. Колонизацијата на феникијци во железно добата придонело за подем на раните средоземни градови. Раниот период на железното доба на Италија и Грција од околу VIII век п.н.е. постепено придонело во подем на историската Антика.

Географска положба

уреди
 
Карта на културните и географски региони во Европа според ЕУ.

Европа е западниот полуостров на најголемата копнена маса на Земјата, која се нарекува Евроазија. Иако Природно е поврзана со Азија, поради историските, културните, политичките и стопанските одлики се издвојува како посебен континент. Во однос на екваторот се наоѓа на северната полутопка, а во однос на почетниот меридијан со поголемиот дел од територијата се простира на иточната полутопка. Се простира меѓу Средоземно Море на југ и Северноледениот Океан на север и меѓу Атлантски Океан на запад и планината Урал на исток. Поточно, крајните точки на европското копно се:

Место Држава Точка
’рт Тарифа Шпанија најјужна
’рт Нордкин Норвешка најсеверна
’рт Рока Португалија најзападна
на пл. Урал Русија најисточна

Географската положба на Европа и овозможува излез на Атлантски Океан и на Средоземно Море. Благодарение на Гибралтарски Проток и на Суецки Канал се одвива најмасовен поморски сообраќај во светот. Оддалеченоста од Африка е 14 км кај Гибралтар и 140 км кај Сицилија, а врската со Азија преку Суецки Канал, Босфор и Дарданели и пепосредната граница спрема Азија (со должина од околу 4000 км, од кои 3300 км се по планината Урал и реката Урал и уште околу 700 км до удолината Манич) за Европа обезбедуваат централна географска положба во светски рамки. Во прилог на тоа е и комуникацијата на Европа со Северна Америка преку Атлантски Океан, на оддалеченост од околу 5900 км.[16]

 

Граници на Европа

уреди

Границите на Европа се протегаат по источното подножје на планината Урал - реката Урал - Касписко Езеро - Удолината Манич - Црно Море - Босфор - Мраморно Море - Дарданели - Егејско Море - Средоземно Море - Атлантски Океан - Северноледен Океан. Во Европа покрај крајбрежните се вбројуваат и поголеми острови, како што се: Нова Земја, Земја на Франц Јосиф, Свалбард, Мачкин Остров, Јан Маен, Исланд, Фарските Острови, Велика Британија и Ирска, како и островите во Средоземно Море (Сицилија, Сарданија, Корзика, Крит и многу други), со исклучок на Кипар и неколку крајбрежни турски острови. Површината на Европа со островите изнесува 10.508.384 км2, или околу 2% од површината на Земјата, односно околу 7,5% од копното на Земјата.

Брегова разгранетост

уреди

Европа е втора со големиот број полуострови, заливи, протоци, фјордови и други абразивни форми се одликува со најразгранета брегова линија меѓу континенталните маси на Земјата. Големата брегова разгранетост е резултат на двете големи средоземни мориња, и тоа: Балтичко Море и Средоземно Море, каде што се наоѓаат поголемиот број издвоени мориња, заливи, острови и полуострови.

Во северните делови на Европа бреговата разгранетост ја создаваат бреговите на Белото Море, кое со повеќе заливи длабоко навлегува во копното меѓу полуостровите Кола и Канин. Во Баренцово Море се наоѓаат островите Нова Земја, Земјата на Франц Јосеф и Свалбард; разгранетиот норвешки брег има илјадници мали острови и многубројни тесни и издолжени заливи, наречени фјордови. Ваквата брегова линија продолжува кон западните делови на Европа, каде што од Северно Море, преку протоците Скагерак и Категат меѓу Скандинавски Полуостров и полуостровот Јулијанд длабоко во копното навлегува Балтичкото Море со Ботнискиот, Финскиот и Ришкиот Залив.[17]

 
Островот Велика Британија

Бреговата разгранетост на западниот брег на Европа ја прават бреговите на полуостровот Јуланд, Нормандија, Бретања и Перинејскиот Полуостров, како и островите Велика Британија, Ирска и Исланд. Во овој дел особено се карактеристични Северно Море, каналот Ламанш и Баскиски Залив.

 
Пиринејски Полуостров (сателитска снимка од вселената)

Југоисточниот брег на Европа со трите големи полуострови (Пиринејски Полуостров, Апенински Полуостров и Балкански Полуостров) и со многубројните поголеми и помали острови, како што се: Сицилија, Сардинија, Корзика, Крит, Балеарски Острови итн. - е најразгранет. Почнувајќи од Гибралтарски Проток, Средоземно Море се разгранува на повеќе внатрешни мориња, како што се: Лигурско Море, Тиренско Море, Јонско Море, Јадранско Море, Критско Море, Егејско Море, Мраморно Море, Црно Море и Азовско Море. Во наведените мориња се наоѓаат голем број заливи, од кои покарактеристични се Лионски Залив, Џеновски Залив, Трстјански Залив, Солунски Залив, Коринтски Залив итн.

 
Гибралтарски Полуостров (поглед од северозапад)

Меѓу морињата се наоѓаат повеќе протоци, како што се: Гибралтарски Проток, Сицилиски Проток, Месински Проток, Отранска Врата, Дарданели, Босфор, Керчанска Врата, Ересунд, Големиот Белт и Малиот Белт.

Бреговите на Европа се со должина од околу 41.000 км, што значи дека на секои 1.000 км2 има по 4,1 км брегова линија. Со најголема разгранетост се одликуваат норвешкиот, хрватскиот и грчкиот брег. На вака разгранетиот брег се изградени голем број пристаништа со мошне развиен бродски сообраќај, кој преку Гибралтар и Западна Европа се одвива кон Северна и кон Јужна Америка, а преку Гибралтар и Суецки Канал се одвива кон Азија и кон Австралија. Многу е значаен, условно кажано, локалниот воден сообраќај на европските пристаништа.[18]

Релјеф

уреди
 
Планина Урал

Територијата на Европа се одликува со разновиден релјеф. Во основа, предвидуваат низински и планински релјефи. Низините во Европа зафаќаат околу 84% (60% се простори од 0 до 200 м, 24% се од 200 до 500 метри надморска височина), а само 16% е ридско-планински релјеф со над 500 м надморска височина. Најкарактеристична е Источноевропска Низина која од планината Урал и Касписко Езеро на исток непрекинато се простира преку северните делови на Средна Европа, а потоа покрај западниот брег продолжува до планините Пиринеи. Ги зафаќа и источните делови на Скандинавски Полуостров и поголемиот дел од териториите на Велика Британија и Ирска. Како посебни се издвојуваат Панонска Низина, по средниот тек на Дунав, меѓу Алпите, Карпатите и Динаридите, потоа Влашка Низина во долениот тек на реката Дунав меѓу Трансилвански Алпи и планината Балкан и Ломбардска Низина во Северна Италија.[19]

 
Река Лаба

Наведените низини се главни средишта на населеност, густ сообраќај, комуникации и развиено стопанство во Европа. Во оваа смисла осовено е карактеристична Прибалтичка Низина меѓу реките Лаба и Њемен.[20]

 
Релјефна карта на Европа

Планините во Европа зафаќаат околу 16% од територијата. Тие не претставуваат компактна целина. Се издвојуваат неколку планински системи, кои главно се наоѓаат јужно од западниот дел на Источноевропска Низина. Географски најкарактеристични се Алпите со највисокиот врв — Монблан (4.810 м), од каде што кон југ се протегаат Апенините со врвот Гран Сасо (2.914 м) Динаридите со врвот Маја и Езерце (2.694 м) и Шарско-пиндиските Планини со врвот Голем Кораб (2.764 м), Стара Планина или Балкан со Ботев врв (2.376 м), планините Родопи со врвот Мусала (2.925 м). Како посебни се издвојуваат Скандинавски Планини, Француски централен масив, Пиринеите и повеќе планински масиви на Пиринејски Полуостров. Планински масиви се присутни и на поголемите планини Етна на Сицилија (3.269 м), Ватнајекидл на Исланд и Силоритис на Крит. Комуникацијата меѓу големата европска низина на север и Средоземјето се одвива низ неколку покарактеристични природни отвори и превали. Такви се: превалот Бренер на Алпите (1.372 м) кој ги поврзува Германија и Италија, отворот по реката Дунав помеѓу Бугарија и Виенкиот Басен, приморските рабови на Пиринеите, Ѓердапска Клисура меѓу Панонија и Влашка Низина и други. На територијата на Европа се развиени повеќе типови релјеф, како: особено изразен флувијаленн, абразвиен, леднички и карстен релјеф, со поголем број котлини, висорамнини и платоа, како и песочни дини.[21]

 
Разместеност на Европската Низина

Низините го зафаќаат најголемиот простор од релјефот на Европа. Најголема е Европска Низина. Таа се протега на север од Пиринеите и од Бискајски Залив на запад сè до планината Урал на исток. Оваа низина е најширока во нејзините источни делови и се вика Источноевропска Низина. По површина опфаќа речиси една половина од континентот Европа. Само на одделни места во оваа низина се појавуваат повисоки ридести области чија височина не поминува 400 метри. Оваа низина северно од Касписко Езеро се спушта пониско и од морското ниво. Од другите низини познати се: Ломбардска Низина во долината на реката По, Панонска Низина во средниот и Влашка Низина во долниот тек на реката Дунав. На Пиринејски Полуостров најпознати се: Андалусија и Арагонија. Сите овие низини имаат плодни почви. Тие се покриени со ситен песок и глина што се таложеле во минатото кога овие низини биле морски басени. За разлика од другите Ломбардска Низина наастанала под дејство на наносниот материјал на реките од Алпите, бидејќи во минатото таа била залив на Јадранско Море.[22]

Клима

уреди

Според географиската положба, територијата на Европа се наоѓа во умерениот климатски појас. Во зависност од географската широчина, влијанието на океаните и на морињата, правците на движење на морските струи, правците на протегање на планинските системи, надморската височина на релјефот и правците на дување на ветровите - климата во Европа е разновидна.

Териториите на Европа, главно северно од повратникот, со островите Исланд, Нова Земја и други - се одликуваат со супполарна клима.[23] Териториите покрај бреговите на Средоземно Море се одликуваат со средоземна клима со температури до 40°С во лето и просечни врнежи од околу 750 мм годишно. Просторот меѓу овие два појаса се одликува со типична умерена клима, која во западните делови под влијание на Атлантски Океан (поради морската топла Голфска струја) е поблага, додека одејќи кон исток во внатрешноста на континентот (под влијание на континенталните влијанија на просторното азиско копно) е релативно постудена. Во источната зона од Шведска и Финска и северните делови од територијата на Русија до Црно Море и Касписко Езеро има големи температурни разлики. На север се присутни изразито ладни, снежни и ветровити зими, а на југ - жешки и суви лета.

Меѓу западната и источната климатска зона во Европа под влијание на планинските масиви се јавуваат разни модификации на климата: од средоземна, умерено континентална до типична планинска клима карактеристична за Алпите, за Пиринеите, за Карпатите, за Динаридите, за Скандинавски Планини и други.

Во крајните југоисточни делови на Европа, во услови на мали врнежи и релативно повисоки температури, се чувствува полупустински климатски тип. Таа е особена карактеристична во Прикасписката Низина.

Општа одлика за климатските услови во Европа е тоа што врнежите се намалуваат движејќи се во правец од западните делови кон исток, (кои се под влијание на Голфска морска струја). Токму затоа во крајните југоисточни делови на Европа се среќава полупустинска клима.[24]

Климатско-растителни области

уреди
 
Брегова распространетост на Европа (сателитска снимка

Климатско-растителните области во Европа се во непосредна зависност од климатските услови. Тие, главно имаат појасно простирање. Се среќаваат: суптропски, умерен и субполарен климатско-растителен тип. Суптропскиот климатско-растителен тип е распространет во приморскиот крајбрежен појас на Средоземно Море со островите. Застапена е т.н. средоземна (средоземна) клима која се одликува со суви и многу топли лета и благи и врнежливи зими, претежно со врнежи од дожд. Има специфична растителност со флора од разновидни тревни и закржлавени зимзелени, дрвенести растенија отпорни на суши. Најкарактеристични се: приморски бор, дабот прнар, маслинките, лимоните, портокалите, смоквите и други. Од животинските видови карактеристични се: зајакот, лисицата, срната, дива свиња, волкот и други.[25]

 
Површинска температура на Голфската струја во западниот дел на Север Атлантик

Умерениот климатско-растителен тип го карактеризираат вериетети на атлантски умерено континентален и континентален тип. Атлантскиот тип ги опфаќа крајбрежните делови на Европа што излегуваат на Атлантски Океан од Пиринејски Полуостров до Норвешка, вклучувајќи ги и Велика Британија и Ирска. Под влијание на топлата Голфска струја и ветровите од запад, атлантскиот климатско-вегетациски тип се одликува со свежилета и благи и врнежливи зими. Тоа условува присуство на тревни заедници со претежно развиени листопадни шуми.[26]

Умереноконтиненталниот-растителен тип е карактеристичен за средишните делови на Европа, или, поточно, за територијата меѓу алпско-карпатскиот планински венец и Балтичко Море. Овде се судираат благите атлантски и студените континентални климатски влијанија, така што е присутна клима со умерено топли лета и умерено студени зими со доволни количества врнежи во текот на годината. Растителните заедници, освен тревите, се претставени со листопадни и зимзелени шуми. Од животинските видеови се застапени: срната, дива свиња, волкот, зајакот и други.[27]

Континенталниот климатско-растителен тип тип е карактеристичен за Источноевропска Низина, за Влашка Низина и за Панонска Низина. Се одликува со топли и сушни лета и остри студени зими. Овде се издвојуваат 2 вариетета, и тоа: влажен континетален и континентален стески тип. Влажниот континентален климатско-растителен тип е карактеристичен за посеверните делови од Источноевропска Низина. Ги опфаќа териториите јужно од тундрата со непрекинати појаси од борје, ела и смрека, а се протега од Скандинавски Полуостров до Урал и понатаму - во Азија до Тихи Океан. Овој шумски појас е познат под името тајга. Покарактеристични животински видови се: еленот, ирвасот, дива свиња, волкот, мечката, лисицата, разни птици и други.[28]

Континеталниот степски климатско-растителен тип е карактеристичен за јужните делови на Источноевропска Низина спрема Црно Море (Украина, Влашка Низина и Панонска Низина). Се одликува со долги у сушни лета и суви и студени зими, така што растителната покривска е претставена со ниска тревна растителност, позната како степа, со птисуство на листопадни шумски видови.[29]

Супполатниот климатско-растителен тип ги опфаќа најсеверните делови на Европа со некои од острвоите. Се одликува со многу ниски температури, долги и студени зими и кратки и свежи лета. Биогеографските заедници ги сочинуваат претставниците на тундрата со ретки и растителни тревни заедници и поларни животни: волк, зајак, лисица. На планинските системи присутни во Европа се присутни листопадни и зимзелени шуми, високопланински тревни пасишта познати како сувати и камењари, со присуство на заглечерени простори на Алпите и Скандинавски Планини.[25]

Хидрографија

уреди
 
Крајбрежјето на река Сена во Париз

Европа изобилува со голем број реки и езера. Реките течат кон околните мориња и океани, поточно, им припаѓаат на Атлантски слив, Балтички слив, Северноледен слив, Средоземен слив и Црноморски слив. Дел од нив, како на пример Волга, Урал и други, му припаѓаат на затворениот слив на Касписко Езеро.[30]

Вододелницата се протега од Гибралтар, преку Перинеите, Југоисточна Франција, Шварјцарија, Германија, Чехија, меѓу Полска и Украина, Белорусија и северните делови на европскиот дел на Русија. Во однос на оваа главна вододелница, скоро сите реки од Атлантски слив течат кон север и северозапад, така што рамномерно распоредени по целата Европска Низина од Урал до Пиринеите.

 
Вардар во Скопје

Најпознати реки што се влеваат во Атлантски Океан се: Гвадалкивир, Гвадијана, Тахо, Дуеро и Мињо на Пиринејски Полуостров, потоа Гарона, Лоара и Сена во Франција, Рајна и Лаба во Германија. Во Балтичкото Море се влеваат Одра, Висла, Њемен, Западна Двина и Нева. Во сливот на Северноледениот Океан покарактеристични се реките Северна Двина и Печора. Според одликите на речниот систем во средоземното сливно подрачје, се издвојуваат непосреден Средоземни слив и Црноморски слив. Во Средоземно Море се влеваат реките Ебро и Рона, а во рабните мориња се влеваат повеќе реки: на пример, во Јадранско Море покарактеристични се реките По (Италија), Цетина, Неретва, Бојана и Дрим на Балкански Полуостров, а во Егејско Море - Вардар, Бистрица, Струма и Марица. Во Црноморски слив припаѓаат големите реки, како што се Дунав, Днестар и Днепар и Дон преку Азовско Море. Тие зафаќаат голема сливна површина.[30]

 
Сливот на реката Дон
 
Дунав на границата помеѓу Унгарија и Словачка

Особено се истакнува Дунав со правец на речниот тек од запад кон исток и многу развиен слив. Извира на планината Шварцвалд во Германија, па преку Австрија ги поврзува Панонска Низина и Влашка Низина. Има должина од 2.850 км, со површина на сливот од 870.000 км2. Внатрешниот затворен слив на Касписко Езеро, покрај другите, од еврпоската територија ги опфаќа сливовите на реките Волга и Урал. Волга со 3,530 км е најдолагата река во Европа, со површина на сливот од 1.380.000 км2.[30]

 
Езерото Ладога

Поради климатските прилики, реките во Европа највисок водостој имаат во зима и во пролет. Поголем дел од наведените реки се пловни, уредени за пловидва и меѓусевно поврзани со пловни канали, така што Европа има повеќе од 100.000 км речно-каналски пловни патишта. Попознати каналски системи се каналите што ги поврзуваат Волга со Дон (поврзаност на Црно Море со Касписко Езеро и Москва), Балтичко Море и Бело Море (преку езерата Ладога и Онега), каналот Мителланд кој ги поврзува Рајна, Везер, Лаба и Одра. Во Франција сите пловни реки се поврзани меѓу себе и со реката Рајна, така што економскити значење на реките, покрај потребите за вода за пиење, во земјоделството, во индустријата и во енергетиката е мошне големо и во сферата на сообраќајот и транспортот, размената на стоки и услуги.[31]

 
Циришко Езеро

Езерата во Европа се многубројни, ное релативно мали по површина. Зафаќаат околу 135.000 км2. Најкарактеристични се карело-фински езера на север, каде што се среќаваат околу 60.000 езера со околу 72.000 км2 површина. Езерата Онега и Ладога и јужношведските езера се најголеми во Европа. Дел од природните езера се наоѓаат на Алпите, на Родопите и на Карпатите. Покарактеристични се: Геневско Езеро, Боденско Езеро, Циришко Езеро, Бледско Езеро, Бохињско Езеро, Охридско Езеро, Преспанско Езеро итн. Постојат голем број вештачки езета што се користат за пловидба, за наводнување и за производство на елетричната енергија.[32]

 
Охридско Езеро

Мочуриштата во Европа се најраспространети во примотските делови на Холандија и на Германија спрема Северно Море и во прибрежните делови на Северноледениот Океан. Во Европа има и површини под ледници, околу 120.000 км2. Се наоѓаат претежно во областите на Арктикот, Скандинавски Полуостров, Исланд и на Алпите.

Население

уреди

Историски гледано, во Европа се случувале разни општествени, културни, воени, политички и стоппански процеси. Кои, по разни основи, носеле падови и прогрес на континентот. Низ сите случувања се оформиле голем број народи, нации и држави, така што Европа денес е еден од најнаселените континенти на Земјата. Во нејзините 45 држави, вклучувајќи го и европскиот дел на Русија, живеат околу 675 милиони жители (Русија има околу 147 000 000 жители од кои 63% или околу 92 000 000 живеат во европскиот дел). Со наведениот податок, Европа учествува со околу 11% во вкупниот број на светското население.[33]

Густина на населеност

уреди

Во контекстот на површината, Европа е континент со најголема густина на населеност. Просечната густина на населеност изнасува 65 жители на км2. Меѓутоа, природните услови, општествените, стопанските и други фактори условиле мошне нерамномерна густина на населеност. Постојат простори со по неколку жители на км2. Во поголемиот дел од Западна Европа и од Средна Европа густината на населеност изнесува повеќе од 200 жители на км2. Типични примери се: Холандија, со 394 жители на км2, Белгија со 340, Велика Британија со 242, Германија со 231 жител на км2 итн. Голем број од државите, на пример, Франција, Унгарија, Чехија, Австрија, Полска, Данска, Романија итн., се одликуваат со густина на населеност од околу 100 жители на км2. Спротивно на наведените, во одделни области во Северна Европа, во Јужна Европа и во Источна Европа присутна е релативно помала густина на населеност, која главно е помалку од 100 жители на км2, а во поголем број случаи и помалку од 50 жители на км2. На пример: 13 жители на км2 во Норвешка, 12 жители на км2 во Шведска, 15 жители на км2 во Финска, 25 жители на км2 во Русија(Европскиот дел). Се забележува дека најголем дел од населението во Европа е сконцентрирано во Средна Европа и во Западна Европа.[33]

Народносни групи во Европа

уреди
 
Традиционални носии во Словачка

Во Европа постојат голем број на народи кои припаѓаат на различни групи народи. Сепак повеќето од нив пипаѓаат на белата раса. Од другите раси во Европа има мал број жители.

Народите од белата раса во Европа припаѓаат на три главни групи народи: Словени, Германи и Романи.

Словените ја претставуваат најбројната група народи во Европа со 34% од вкупното население. Тие се населени во Источна Европа, Средна Европа и Јужна Европа. Во Словенската група народи спаѓаат: Македонци, Срби, Хрвати, Словенци, Црногорци, Руси, Белоруси, Украинци, Полјаци, Чеси, Словаци, Бугари, Лужички Срби.

 
Традиционални носии и инструменти во Шпанија

Германската група народи е втора група народи по големина во Европа со 31% застапеност. Германите се населени во Северна Европа и Средна Европа, на Британските Острови и на други места. Германски народи се: Германци, Англичани, Швеѓани, Холанѓани, Норвежани, Данци и Австријци.

Романската група народи со 25% е најмалубројна во Европа. Овие народи се населени најмногу на Апенински Полуостров и Пиринејски Полуостров, како и во други делови на Западна Европа и Источна Европа. Во оваа група народи спаѓаат Французи, Шпанци, Италијанци, Португалци и Романци.

Надвор од трите основни групи народи во Европа како посебни народи се издвојуваат: Грци, Албанци, Баски и др.[34]

Јазици и религија

уреди
 
Јазици во Европа

Во Европа денес постојат 45 држави, во кои се зборуваат повеќе од 120 јазици и дијалекти. Некои од јазиците се широко распространети и службено се говорат во неколку држави, а некои се карактеристични само за помали територии и држави. Повеќето од државите се еднонационални (каде што преовладува еден народ), но има и држави со национални малцинства, кои на различни рамништа остваруваат право на јазик, на писмо, на култура и на традиција. Во Европа постојат и повеќенаицонални држави со повеќе државотворни народи. Типични примери се Велика Британија, Босна и Херцеговина и други.[35]

Според лингвистичката класификација, поголемиот дел од населението јазично спаѓа во индоевропско јазично семејство, а помал дел во унгарско-финско јазично семејство и во алтајско јазично семејство.

Индоевропското јазично семејство во Европа главно се дели на следните групи:

  • словенкста
  • германската
  • италијанско-романската
  • елинска група

Унгарско-финското јазично семејство е карактеристично за Унгарија и Финска.

Алтајското јазично семејствоги опфаќа турскиот и татарските јазици, и е карактеристично за Турција.

Посебни се баскиски јазик (со него се служат Баските, кои живеат во Северна Шпанија и југозападна Франција и се сметаат за прединдоевропски пранароди во Европа) и малтешки јазик, кој е мешавина од романските јазици и арапскиот јазик, а се зборува на сотровот Малта.

Наведените јазици се пишувале на 3 различни азбуки и тоа:

Религија

уреди
 
Катедрала во Германија

Населението во Европа во основа припаѓа на христијанска религија. Во неа се разликуваат католици, протестанти и православци. Католиците предвидуваат во Јужна Европа и Средна Европа, протестантите во Северна Европа и делумно во Западна Европа, а православните во Источна Европа, Југоисточна Европа и во Јужна Европа. Скоpо во сите држави во Европа живеат и претставници на други религии. Постојат и категориите: Атеисти и нерелигиозни луѓе, оние кои не се верски определени.[36]

Населби во Европа

уреди

Развојот на населбите во Европа е во директна зависност од промените во бројот на населението и стопанскиот и техничко-технолошкиот напредок. И во Европа населението живее во селски и во градски населби. Меѓутоа, прецесите на техничко-технолошкиот и оштествениот развој предизвикаа позабрзан растеж и развој на градските населби. Тоа значи дека во развојот на населбите се важни процесите: урбаниација, фазите на таканаречената литорализација.[37]

 
Москва, Русија

Урбанизацијата претставува растеж и развој на градовите и се изразува преку степенот на урбанизација, кој, па, претставува учество на градското население во вкупното население.

Во Европа, во градовите живеат околу 3/4 од населението. Процесот на урбанизација на Европа не се одвива рамномерно, туку со различна брзина. Во почетокот урабнизацијата се гледаше преку порастот на градовите. Пример: Во Европа пред 200 години имало само еден милионски град, пред 100 години имало 9, пред 40 години околу 30, а денес тој број е поголем од 50 милионски градови.[37]

Денес урбанизацијата се гледа и преку продирањето на градскиот начин на живеење во селските населби, така што селата сè повеќе добиваат градски изглед, а населението во нив, освен со примарни, се занимава и со секундарни и терцијални дејности.

 
Лондон, Англија

Урбанизацијата се одликува со неколку фази:

 
Прага, Чешка
  • прединдустриска фаза, кога поголемиот број од населението се занимава со примарни дејности, а учеството на градското население е прилично мало;
  • индустриска фаза, која се одликува со голема преселба на населението од селата кон градовите заради вработување во индустријата, а повеќето од вработените се во секундарните дејности. Тоа особено се прави околу рудниците и фабриките како јадра на привлекување на населението. Типичен пример е Рурската област во Германија.
  • Поиндустриската фаза, која се одликува со зголемување на бројот на вработените во терцијалните дејности (сообраќај, трговија), што следува обратен процес, односно населението се населува во помалите градови, каде што се живее попријатно.

Низ фазите на урбанизацијата и индустрализацијата околу градските средишта се формираат големи пригратски населби, така што настануваат големи градски целини кои прават градска регија или агломерација. Такви се голем број градови, особено оние со повеќе од еден милион жители, како, на пример: Лондон, Манчестер, Глазгов, Париз, Марсеј, Лисабон, Мадрид, Барселона, Рим, Милано, Неапол, Брисел, Амстердам, Ротердам, Берлин, Минхен, Дортмунд, Келн, Копенхаген, Прага, Варшава, Москва.[38] Во некои од државите со порастот на градовите и агломерациите доаѓаат до нивно спојување и на тој начин се формирани повеќе конурбации. Типичен пример е конурбацијата во Рурската област во Германија каде што се скоро споени градовите Есен, Келн, Дортмунд, Диселдорф, Дисбург и други, потоа коннурбацијата околу Манчестер со Шефилд и Лидз, париската конурбација и други.

Пренаселеноста во големите градови предизвикува проблеми со загадувањето и со водоснабдувањето во нив. Посебна одлика кај населбите во Европа е процесот на лирорализација, односно преселување на населението и на стопанските акитвности покрај морските брегови.

Регионална поделба на Европа

уреди
 
Јужна Европа

Специфичната брегова разгранетост и природно-географските одлики на Европа се главни одредници за регионалната поделба на континетот. За регионалната поделба на Европа е карактеристично тоа што државите Казахстан и Турција имаат делови од своите територии на европскиот континент. Современа Европа се одликува и со здружување на државите на стопански, на културни и на политички основи. Таква е Европска Унија, која денес обединува 28 држави.[39]

 
Источна Европа

Вообичаено се издвојуваат регионите:

 
Западна Европа

Јужна Европа

уреди

Во Јужна Европа се вбројуваат териториите што се јужно од Пиринеите, Алпите и реката Дунав, поточно териториите на Пиринејски Полуостров, на Апенински Полуостров и на Балкански Полуостров, кои, главно, излегуваат на Средоземно Море. На Пиринејски Полуостров се наоѓаат државите: Кралство Шпанија, Кнежевство Андора, самоуправната зависна територија Гибралтар и Република Португалија. На Апенински Полуостров се наоѓаат Република Италија, градот-држава Ватикан, Република Сан Марино и островската Република Малта. На Балкански Полуостров се наоѓаат државите: Република Македонија, Република Бугарија, Република Србија, Република Црна Гора, Република Косово, Република Романија, Република Грција, Република Албанија, Република Босна и Херцеговина и Република Словенија.[39]

Западна Европа

уреди
 
Сателитска слика од Северна Европа

Во Западна Европа се вбројуваат приморските и островските држави во Атлантски Океан. Приморски држави се Република Франција, Големото Војводство Луксембург, Кралство Белгија и Кралство Холандија и островските држави Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Република Ирска.[40]

Северна Европа

уреди
 
Ссредна Европа

Северна Европа главно ги опфаќа териториите на Скандинавски Полусотров. Овде се наоѓаат државите: Кралство Данска, Кралство Шведска, Кралство Норвешка, Република Финска и островската Република Исланд.[41]

Средна Европа

уреди

Средна Европа или Средна Европа ги опфаќа териториите на неколку континетални и две приморски држави. Тие се: Република Унгарија, Република Словакија, Република Чехија, Република Австрија, Кнежевство Лихтенштајн, Швајцарска Конфедерација, Сојузна Република Германија и Република Полска.[41]

Источна Европа

уреди

Источна Европа просторно зафаќа најголем дел од територијата на Европа. Во неа главно се вбројуваат териториите на државите: Република Украина, Република Молдавија, Република Белорусија, Република Латвија, Република Литванија, Република Естонија и Руска Федерација (Европскиот дел).[41]

Политичка географија

уреди
 
Европа според широко прифатена дефиниција е во зелено (држави понекогаш поврзани со европската култура во темносина, азиски делови од европски држави во светлосина).
 
Современа политичка карта на Европа и околниот регион
 
Регионално групирање според ЕУ
 
Европската Унија и земјите членки/кандидати
 
Нации на Советот на Европа
 
Карта на европското членство во ЕУ и НАТО

Според различни дефиниции, териториите се предмет на различни категоризации. Дваесет и седумте земји членки на Европската Унија се високо интегрирани-економско и политички; самата Европска Унија формира дел од политичката географија на Европа. Долната табела е шема на географски подрегиони користени од Обединетите Нации,[42] покрај регионалните групирања издадени од книгата на факти на ЦИА.

Грб Знаме Име на држава Површина
(km2)
Население
Густина на
население

(на km2)
Главен град Име на официјалниот јазик(ци)
    Албанија 28,748 2,876,591 98.5 Тирана Shqipëria
    Андора 468 77,281 179.8 Андора ла Веља Andorra
    Ерменија[j] 29,743 2,924,816 101.5 Ереван Հայաստան (Хајастан)
    Австрија 83,858 8,823,054 104 Виена Österreich
    Азербејџан[k] 86,600 9,911,646 113 Баку Azǝrbaycan
    Белорусија 207,560 9,504,700 45.8 Минск Беларусь
    Белгија 30,528 11,358,357 372.06 Брисел België/Belgique/Belgien
    Босна и Херцеговина 51,129 3,531,159 68.97 Сараево Bosna i Hercegovina/Боснa и Херцеговина
    Бугарија 110,910 7,101,859 64.9 Софија България
    Хрватска 56,594 3,871,833 68.4 Загреб Hrvatska
    Кипар[d] 9,251 1,170,125 123.4 Никозија Κύπρος (Kýpros)/Kıbrıs
    Чешка 78,866 10,610,947 134 Прага Česko
    Данска 43,094 5,748,796 133.9 Копенхаген Danmark
    Естонија 45,226 1,328,439 30.5 Талин Eesti
    Финска 338,455 5,509,717 16 Хелсинки Suomi/Finland
    Франција[g] 547,030 67,348,000 116 Париз France
    Грузија[l] 69,700 3,718,200 53.5 Тбилиси საქართველო (Сакартвело)
    Германија 357,168 82,800,000 232 Берлин Deutschland
    Грција 131,957 10,297,760 82 Атина Ελλάδα (Елада)
    Унгарија 93,030 9,797,561 105.3 Будимпешта Magyarország
    Исланд 103,000 350,710 3.2 Рејкјавик Ísland
    Ирска 70,280 4,761,865 67.7 Даблин Éire/Ireland
    Италија 301,338 60,589,445 201.3 Рим Italia
    Казахстан[i] 148,000 17,987,736 6.49 Астана Қазақстан (Qazaqstan)
    Латвија 64,589 1,907,675 29 Рига Latvija
    Лихтенштајн 160 38,111 227 Вадуц Liechtenstein
    Литванија 65,300 2,800,667 45.8 Вилнус Lietuva
    Луксембург 2,586 602,005 233.7 Луксембург Lëtzebuerg/Luxemburg/Luxembourg
    Малта 316 445,426 1,410 Валета Malta
    Молдавија[a] 33,846 3,434,547 101.5 Кишинев Moldova
    Монако 2.020 38,400 18,713 Монако Monaco
    Црна Гора 13,812 642,550 45.0 Подгорица Crna Gora/Црна Гора
    Холандија[h] 41,543 17,271,990 414.9 Амстердам Nederland
    Македонија 25,713 2,103,721 80.1 Скопје Македонија
    Норвешка 385,203 5,295,619 15.8 Осло Norge/Noreg/Norga
    Полска 312,685 38,422,346 123.5 Варшава Polska
    Португалија[e] 92,212 10,379,537 115 Лисабон Portugal
    Романија 238,397 18,999,642 84.4 Букурешт România
    Русија[b] 3,969,100 144,526,636 8.4 Москва Россия
    Сан Марино 61.2 33,285 520 Сан Марино San Marino
    Србија[f] 88,361 7,040,272 91.1 Белград Srbija/Србија
    Словачка 49,035 5,435,343 111.0 Братислава Slovensko
    Словенија 20,273 2,066,880 101.8 Љубљана Slovenija
    Шпанија 505,990 46,698,151 92 Мадрид España
    Шведска 450,295 10,151,588 22.5 Стокхолм Sverige
    Швајцарија 41,285 8,401,120 202 Берн Schweiz/Suisse/Svizzera/Svizra
    Турција[m] 23,764 84,680,273 106.7 Анкара Türkiye
    Украина[s] 603,628 42,418,235 73.8 Киев Україна
    Обединето Кралство 244,820 66,040,229 270.7 Лондон United Kingdom
    Ватикан 0.44 1,000 2,272 Ватикан Città del Vaticano/Civitas Vaticana
Вкупно 50 10,180,000[n] 743,000,000[n] 73

Во склоп на гореспоменатите држави има неколку региони, имајќи широка автономија, како и неколку де факто независни држави со ограничено меѓународно признание или непреизнаени. Ниту една од нив не е членка на ОН:

Име на територија, со знаме Површина
(км2)
Населеност
(1 јули 2002)
Густина на население
(по км2)
Главен град
  Абхазија r[›] 8.432 216.000 29 Сухуми
  Оланд (Финска) 1.552 26.008 16,8 Маријехамн
  Фарски Острови (Данска) 1.399 46.011 32,9 Торсхавн
  Гибралтар (Обединето Кралство) 5,9 27.714 4.697,3 Гибралтар
  Гернзи d[›] (Обединето Кралство) 78 64.587 828,0 Сент Питер Порт
  Ман d[›] (Обединето Кралство) 572 73.873 129,1 Даглас
  Џерси d[›] (Обединето Кралство) 116 89.775 773,9 Сент Хелије
  Косово p[›] 10.887 [43] 1.804.838 220 Приштина
  Нагорно Карабах 11.458 138.800 12 Степанакерт
  Северен Кипар 3.355 265.100 78 Никозија
  Јужна Осетија r[›] 3.900 70.000 18 Цхинвали
  Свалбард и Јан Мајен (Норвешка) 62.049 2.868 0,046 Лонгијер
  Приднестровие b[›] 4.163 537.000 133 Тираспол

Европа како тема во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „На милозливата Европа“ (српски: Милостивој Европи) — песна на српскиот поет Јован Јовановиќ - Змај.[44]
  • „На Европа“ (српски: Јевропи) - песна на српскиот поет Ѓура Јакшиќ.[45]
  • „Европски син“ (англиски: European Son) — песна на американската рок-група Велвет андерграунд (Velvet Underground) од 1966 година.[46]
  • „Замагленост над Европа“ (германски и српски:Schwüle Über Europa - Omorina Nad Evropom) - песна на српската рок-група Идоли од 1981 година.[47]
  • „Европа“ (англиски: Europe) — песна на британската рок-група Килинг џоук (Killing Joke) од 1985 година.[48]
  • „Бескрајната Европа“ (германски: Europa Endlos) — песна на германската група Крафтверк (Kraftwerk) од 1977 година.[49]
  • „Европска кралица“ (англиски: European Queen) — песна на англискиот пејач Били Оушн (Billy Ocean).[50]
  • „Песна за Европа“ (англиски: A Song For Europe) — песна на британската рок-група Рокси Мјузик (Roxy Music) од 1973 година.[51]
  • „Сестра Европа“ (англиски: Sister Europe) — песна на британската рок-група The Psychedelic Furs од 1979 година.[52]
  • „Деновите во Европа“ (англиски: Days In Europa) — песна од истоимениот музички албум на шкотската рок-група Скидс (Skids) од 1979 година.[53]

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Demographia World Urban Areas (World Agglomerations): 9th Annual Edition, March 2013
  2. National Geographic Atlas of the World (7. изд.). Washington, DC: National Geographic. 1999. ISBN 0-7922-7528-4. "Europe" (pp. 68-9); "Asia" (pp. 90-1): "A commonly accepted division between Asia and Europe ... is formed by the Ural Mountains, Ural River, Caspian Sea, Caucasus Mountains, and the Black Sea with its outlets, the Bosporus and Dardanelles."
  3. Lewis & Wigen 1997, стр. 226
  4. National Geographic, 534.
  5. Minor theories, such as the (probably folk-etymological) one deriving Europa from ευρως "mould" aren't discussed in the section
  6. M. L. West (2007). Indo-European poetry and myth. Oxford [Oxfordshire]: Oxford University Press. стр. 178–179. ISBN 0-19-928075-4.
  7. „Etymonline: European“. Посетено на 10 September 2006.
  8. M. L. West (1997). The east face of Helicon: west Asiatic elements in Greek poetry and myth. Oxford: Clarendon Press. стр. 451. ISBN 0-19-815221-3.
  9. Davidson, Roderic H. (1960). „Where is the Middle East?“. Foreign Affairs. 38: 665–675.
  10. A. Vekua, D. Lordkipanidze, G. P. Rightmire, J. Agusti, R. Ferring, G. Maisuradze; и др. (2002). „A new skull of early Homo from Dmanisi, Georgia“. Science. 297 (5578): 85–9. doi:10.1126/science.1072953. ISSN 0036-8075. PMID 12098694.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  11. The million year old tooth from Atapuerca, Spain, found in June 2007
  12. National Geographic, 21.
  13. Scarre, Chris (1996). Brian M. Fagan (уред.). „The Oxford Companion to Archaeology“. Oxford University Press: 215–216. ISBN 0-19-507618-4. Наводот journal бара |journal= (help)
  14. Atkinson, R J C, Stonehenge (Penguin Books, 1956)
  15. Peregrine, Peter Neal; Ember, Melvin (2001). Encyclopaedia of Prehistory. Springer. стр. 157–184. ISBN 0306462583., European Megalithic
  16. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Природно географски каратеристики на Европа - стр. 5/6
  17. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Брегова разгранетост на европскиот континент - стр. 8
  18. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Брегова разгранетост на европскиот континент - стр. 9
  19. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Релјефни одлики на Европа - стр. 11
  20. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Релјефни одлики на Европа - стр. 12
  21. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Релјефни одлики на Европа - стр. 12/13
  22. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Релјефни одлики на Европа - стр. 13
  23. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Клима и Вегетација (Климатски услови) - стр. 14
  24. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Клима и Вегетација (Климатски услови) - стр. 15
  25. 25,0 25,1 Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Климатско-вегетациски области- стр. 16
  26. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Климатско-вегетациски области- стр. 17/18
  27. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Климатско-вегетациски области- стр. 18
  28. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Климатско-вегетациски области- стр. 18/19
  29. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Климатско-вегетациски области- стр. 19
  30. 30,0 30,1 30,2 Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Хидрографија (реки и езера и нивно значење) - стр. 20
  31. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Хидрографија (реки и езера и нивно значење) - стр. 20/21/22
  32. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Хидрографија (реки и езера и нивно значење) - стр. 22
  33. 33,0 33,1 Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Основни одлики на населението на Европа стр. 24
  34. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Основни одлики на населението на Европа стр. 25
  35. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Јазици и верска разноликост во Европа - стр. 26/27
  36. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Јазици и верска разноликост во Европа - стр. 27
  37. 37,0 37,1 Геограгија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Населбите во Европа - стр. 28
  38. Геограгија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Населбите во Европа - стр. 29
  39. 39,0 39,1 Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Регионална поделба на Европа - стр. 30
  40. Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Регионална поделба на Европа - стр. 30/31
  41. 41,0 41,1 41,2 Географија за VII одделение на осумгодишно основно образование - Регионална поделба на Европа - стр. 31
  42. „United Nations Statistics Division — Countries of Europe“. Архивирано од изворникот на 2011-07-13. Посетено на 10 June 2008.
  43. „CIA.gov“. Архивирано од изворникот на 2016-07-01. Посетено на 2010-10-01.
  44. Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 245.
  45. Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 88.
  46. Velvet Underground - European Son Lyrics (пристапено на 3.9.2016)
  47. Discogs, Šarlo Akrobata & Idoli & Električni Orgazam – Paket Aranžman (пристапено на 25.2.2021)
  48. Killing Joke – Night Time (пристапено на 25.1.2023)
  49. DISCOGS, Kraftwerk ‎– Trans Europa Express (пристапено на 28.12.2020)
  50. „Billy Ocean - European Queen Lyrics (пристапено на 3.9.2016)“. Архивирано од изворникот на 2017-09-25. Посетено на 2016-09-02.
  51. Discogs, Roxy Music ‎– Stranded (пристапено на 5.4.2024)
  52. Discogs, The Psychedelic Furs ‎– All Of This And Nothing (пристапено на 9.8.2019)
  53. Skids – Days In Europa (пристапено на 13.3.2024)
  翻译: